За МПС

Македонски полициски синдикат

За нас

Македонскиот полициски синдикат од своето основање егзистира и функционира како синдикална организација на вработените во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција. Имено, основачкото собрание на нашиот синдикат е одржано на 29 мај 1992 година, а на 03 февруари 1993 година извршено е запишувањето во регистарот на општествените организации како „Независен синдикат на вработените во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија“. Нешто подоцна, на својот редовен конгрес, почитувајќи ја желбата на мнозинството членови, го променивме своето име во „Македонски полициски синдикат“.

На 28 декември 1994 година, по скоро двегодишно докажување, примени сме како рамноправен член во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија каде и ден денес делуваме. Во рамките на сојузот важиме за еден од најорганизираните и најголемите гранкови синдикати по однос на процентуалниот износ на бројот на членови во однос на бројот на вработените. Овој процент секако е променлив но секогаш е некаде околу 80% на членови од вкупниот број на вработени во Министерството, Агенцијата и Управата.

Од 25 март 1998 година Македонскиот полициски синдкат е примен како рамноправен член во рамките на Советот на Европските полициски синдикати, асоцијација која работи и делува во рамките на Советот на Европа.

Сакаме да потенцираме, дека Македонскиот полициски синдикат е првиот синдикат во историјата на македонскиот синдикализам кој се здоби со статус на репрезентативен синдикат, утврден со решение на надлежната Комисија за утврдување на репрезентативност. Својата репрезентативност нашиот синдикат согласно законските одредби повторно ја има и потврдено.

Македонскиот полициски синдикат е организиран на сите нивоа на синдикална организираност. Почнувајќи од Синдикалните подружници и Основните организации, се до Советите на МПС во рамките на Секторите и Регионалните центри на МВР. Поради вклучување на се поголем број на млади вработени, како и припаднички од понежниот пол, во рамките на синдикатот функционираат и Секциите на жени и млади, кои пак се занимаваат и реализираат синдикални активности од аспект на специфичните потреби на жените и младите.

Во својата досегашна работа се соочувавме со бројни проблеми, предизвици но и успеси. Во текот на 1997 година, соочени со проблемот дека тогашниот Министер за внатрешни работи и Влада на РМ, не сакаат да се потпише посебниот Колективен договор за вработените во МВР на РМ, од страна на Македонскиот полициски синдикат на 13 ноември истата година беше организиран предупредувачки протест, а веднаш потоа на 25 ноември и првиот штрајк на полицијата на овие наши простори. Штрајкот траеше само еден ден, но ја постигна целта за која што беше организиран. Веќе утредента беа формирани работни тимови кои ги отпочнаа преговорите за изработка и донесување на посебниот Колективен договор на МВР на РМ, а веќе на 30 декември 1997 година беше потпишан првиот Колективен договор на вработените во МВР на РМ.

Колективниот договор се потпиша, но уште долго мораше да се работи на неговата доследна примена, особено на договорените права на работниците кои подразбираа обезбедување на дополнителни финансиски средства од државниот буџет. Дури кон крајот на 1999 година, по речиси едногодишно преговарање и изразување на разни видови на синдикално незадоволство, успеавме да добиеме зголемување на платите во висина од 20%.

На 01 април 2000 година потпишан е посебен договор со Министерот за финансии за отпочнување на исплатата на додатоците на плата за прекувремена работа, работа ноќе, работа во недела, празник и работа во смени, а со потпишување на договорот за измена и дополнување на важечкиот Колективен договор на 01 јануари 2004 година започна исплатата на посебниот додаток на плата во висина од 45% на платата на припадниците на специјалните единици во Министерството и 20% за припадниците на посебните единици. Денес оваа привилегија за посебен додаток со различна висина на процентот, ја добиваат и други организациони единици во Министерството.

Македонскиот полициски синдикат се повеќе се профилираше како фактор без кој Министерството за внатрешни работи не може да пристапи во процесот на реформа на Министерството. Наши членови учествуваа во најголемиот број на работни групи на ниво на Министерство и на тој начин имаа прилика да ги пласираат и бараат да се прифатат решенијата и идеите кои произлегуваа од синдикатот.

Па така во 2006 година во постапката за донесување на првиот Закон за Полиција и учеството во работната група за изработка на текстот на овој закон, претставниците на Македонскиот полициски синдикат успеаа да издејствуваат да се пропише нормативно решение со кое платите на полициските службеници се зголемија за плус 10%. На 21 јули 2009 година со донесување на комплетно нов Закон за внатрешни работи, по предлог на синдикатот, прв пат беше воведен системот за професионална кариера во Министерството, интерниот оглас како начин за распоредување и унапредување на работниците со одлука на комисии, во кои свои членови има и нашиот синдикат, како и посебни одредби со кои се предвидени поповолни услови за пензионирање на вработените.

И повторно не беше лесно. Уставниот суд ги поништи одредбите за пензионирањето. На протестот во организација на Македонскиот полициски синдикат, на 11 јануари 2010 година повеќе од 2500 колеги јасно им дадоа до занење на сите дека нема да се откажат од пензионирањето под поповолни услови кои беа предвидени со законот. Одредбите за пензионирање со одредена правна модификција повторно беа изгласани, а нашите колеги денеска со задоволство заминуваат во заслужена пензија.

Пред Македонскиот полициски синдикат, неговото членство и раководство, секојдневно стојат бројни проблеми и отворени прашања. Тие нужно бараат потреба да се решаваат. Од нас се очекува да произлезат идеи, предлози, конкретни барања и активности за нивно надминување. Да се надеваме дека во овие наши активности ќе имаме доволно енергија, стручност и храброст за истите успешно да ги реализираме или барем отпочнеме со реализација. Времето најдобро ќе покаже колку сме успеале во тоа. Наше е да се ангажираме и потрудиме тасот на успехот да превагне на нашата страна, за доброто на сите нас.

Д-р Марјан Кицев

Претседател на МПС

0
Членови
0
Коминтенти