Прирачник за деца и млади

Почитувани колеги и колешки,

Македонски полициски синдикат покрена иницијатива која ќе има значително влијание врз зајакнувањето на помладата популација, поединците и целото општество преку едукативна програма за најмладите. Во наш интерес е децата и младите да стекнат одредени знаења и вештини кои ќе влеат сигурност и волја за опстанок на моралниот компас за утре да бидат одговорни и зрели луѓе.

Општествено одговорните теми кои планираме да ги објавиме се поврзани со превентивно спречување на можните проблеми и предизвици со кои поединците, семејствата, па дури и целото општество може да се соочуваат на сите нивоа. Надворешните негативни влијанија, преку разни примамливи предлози и активности, се обидуваат на секој начин да ги насочат децата и младите кон негативен предизвик кој е спротивен на традиционално здравите насоки, и на тој начин го одвлекуваат вниманието во таа насока.

Решени сме преку бесплатните образовни прирачници што планираме да ги изработиме, на некој начин да им укажеме на децата и младите на поголемиот дел од животните проблеми и негативности со кои можат да се сретнат и кои се присутни во општеството денес.

Првиот од серијата прирачници што планираме да ги изработиме е прирачник на тема „Основи и задачи на прва помош“, кој ќе биде дистрибуиран до сите предучилишни установи и основни училишта низ Република Северна Македонија.

Прирачникот содржи елементарни сознанија и препораки како да се спаси нечиј живот и решително да се започне борбата. Основната задача на прва помош е да се зачува животот и здравјето на децата и возрасните. Секој човек треба да знае да си пружи прва помош на себе или на друго лице бидејќи таа треба да се пружи што поскоро, без да се чека доаѓањето на стручен кадар.

Замисливме сите планирани проекти (дрога и нејзината зависност, сајбер криминал и сл.) да бидат поддржани од компании ширум Република Северна Македонија со длабоко убедување дека солидарноста ќе одговори потврдно за да се зајакне општествената заедница преку едукација на најмладите.

Изведувач за потребите на Македонски Полициски Синдикат е фирмата „Драф МД“ доел од Скопје.

Со почит,
Македонски полициски синдикат
Претседател
д-р Марјан Кицев