МАКЕДОНСКИОТ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ НА РАБОТНИ СРЕДБИ СО РАКОВОДСТВОТО НА МВР!!!

Почитувани,

на ден 02.02.2024 година делегација на МПС во состав Претседател на МПС д-р Марјан Кицев, Генерален секретар на МПС Зоран Кузманоски и Потпретседателот на МПС Борче Грујоски остварија работни средби со Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, Заменикот министерот за внатрешни работи Назим Буши, Државната секретарка на МВР Магдалена Несторовска, Директорот на БЈБ Сашо Тасевски и Заменик директорот на БЈБ Арбен Јашари.

На средбите од страна на Македонскиот полициски синдикат како единствен репрезентативен синдикат во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија беше истакнато дека МПС секогаш ќе биде насочен кон унапредување на полициската професија како специфична и пред се крајно одговорна, како и кон заштита на правата и интересите на своето членство во насока на квалитетно и ефикасно функционирање на Министерството за внатрешни работи, бидејќи од тоа зависи степенот односно квалитетот на личната и правна сигурност и безбедност на сите граѓани на државата во целост.

Акцентирањето на овој сегмент е особено важно периодов, бидејќи претставува основата за спроведување на фер, слободни и демократски избори, што е главна цел заради што во моментов е формирана и работи техничката Влада во Република Северна Македонија.

Како синдикат секогаш ќе бидеме на страната на полициските службеници кои чесно и професионално ги извршуваат своите работни задачи, па затоа би сакале да апелираме до сите вработени во МВР да останат имуни на влијанијата од дневно-политички карактер и да бидат доследни на целосно операционализирање на законитоста и законите, како алфа и омега на полициското работење.

Време е заеднички да застанеме во заштита на угледот на вработените во Министерството за внатрешни работи и самото Министерство и на тој начин да придонесеме граѓаните да ја прифатат полицијата како сервис на граѓаните. Професија која ќе биде главниот постулат во Република Северна Македонија кој ја гарантира државноста, сигурноста и безбедноста во државата и во исто време, полиција – пријател и заштитник на граѓаните.

Затоа, уште еднаш ги повикуваме сите раководни структури во МВР на сериозност и професионалност и невмешување на Министерството во дневно политички настани, а вработените во МВР ги охрабруваме секој притисок и закани по било кој основ да го пријавуваат кај нас, а сѐ со цел навремено постапување и превземање на мерки за заштита на нивните права.

На работните средби сите соговорници се согласија со нашиот став и не уверија дека ќе се придржуваат до законските прописи се со цел продолжување на процесите и непречено функционирање на МВР.

Со почит,

МАКЕДОНСКИ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ

Претседател

д-р Марјан Кицев