
Почитувани,
На ден 18.07.2023 година, конечно по период од 15 години во кој беа организирани протести од страна на ССМ и последните три години интензивни тешки преговори во кои МПС учествуваше како рамноправен член на ССМ , Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов и Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска официјално го потпишаа новиот Општ колективен договор за јавен сектор.
Со новиот Општ колективен договор за јавен сектор утврдено е дека:
• Од месец март 2025 година, Основната бруто плата ќе биде составен од просечна плата и коефициент на сложеност на работно место. Основната бруто плата се пресметува на начин што просечната бруто плата за претходната година се множи со коефициентот на сложеност на работно место;
• Зголемување на основната бруто плата во износ од 10% за сите работници во јавниот сектор, започнувајќи од месец септември 2023 година;
• Доколку индексот на трошоците на живот во првите шест месеци во 2024 година, споредено со индексот на трошоците на живот за првите шест месеци во 2023 година надминува 3%, основната бруто плата на вработените во јавниот сектор се зголемува во процентуален износ за разликата од 3%.
• Исплата на јубилејни награди за непрекината работа кај ист работодавач од 2024 година за голем дел од работниците во јавниот сектор кои до сега не го уживаа ова право и истите ќе се исплаќаат на следнит начин:
• За 10 години – 50% од просечната нето плата во Републиката исплатена за претходната година;
• За 20 години – 100 % од просечната нето плата во Републиката исплатена за претходната година;
• За 30 години – 150 % од просечната нето плата во Републиката исплатена за претходната година и
• За 40 години – 200% од просечната нето плата во Републиката исплатена за претходната година.
• Регрес за годишен одмор во износ од 30 % од просечната нето плата исплатена за претходната година од 2024 година, а регресот за годишен одмор за 2023 година изнесува 10.000,00 денари нето износ и ќе се исплати најдоцна до декември оваа година;
• Најдоцна до декември 2024 година, ССМ и Владата да склучат спогодба со која ќе се утврдат коефициентите на сложеност на работно место (на две децимали) за сите работни позиции, а доколку во утврдениот период не се склучи спогодба и не се утврдат коефициентите, коефициентот на сложеност на работното место се пресметува на начин што основната бруто плата плата на вработениот исплатена за месец септември 2023 се става во однос со просечно исплатената бруто плата по вработен за 2023 година, согласно објавените податоци на Државниот завод за статистика, зголемен за 5%.
Работодавачи во смисла на овој колективен договор се: органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно Уставот на Република Северна Македонија и закон, како и институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.
Овој колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и работниците во јавниот сектор.
Со колективен договор на ниво на сектор, оддел или група, односно на ниво на работодавач и со договор за вработување или решение можат да се утврдат поповолни права од правата утврдени со закон и колективен договор, ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор, а доколку со колективен договор на ниво на сектор, оддел или група, односно на ниво на работодавач и со договор за вработување или решение, не може да се определат понеповолни права од правата утврдени со овој колективен договор или закон, а ако се определени, тие одредби се сметаат за ништовни и се применуваат одредбите од овој колективен договор и закон.
Ние како Македонскиот полициски синдикат, единствен репрезентативен синдикат во МВР, АНБ, АР и УФП и како рамноправен член во ССМ, иако бевме дел од преговорите за потпишување на новиот општ колективен договор за јавен сектор не сме задоволни во целост со добиените права поготово во делот на покачувањето на платите за само 10 %. Ние како репрезентативен синдикат во МВР, АНБ, АР и УФП во изминатиот период додека се преговараше за новиот колективен договор, пративме барање до сите политички партии за подршка за покачување на платите на вработените во МВР, АНБ, АР и УФП за најмалку 20 % и цврсто стоиме на тој став за кој во иднина ке се бориме. Македонскиот полициски синдикат како и досега така и во иднина секогаш ке биде гласот на вработените во МВР, АНБ, АР и УФП за подобрување на условите за работа и за подобрување на социо-економскиот статус на вработените.
Со почит,
МАКЕДОНСКИ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ
Претседател
д-р Марјан Кицев