Меѓународна соработка на МПС

 
Во своето делување Македонскиот Полициски Синдикат големо внимание посветува на соработката со странски полициски синдикални и професионални асоцијации, на билатерален и меѓународен план.
Така, на 23 април 1997 година со акламација, МПС е примен во полноправно членство во Советот на европските полициски синдикати (ЦЕСП).

Што (кој) е ЦЕСП? 


Во текот на 1998 година група ентузијасти од шпанскиот и францускиот полициски синдикат ги поставија начелата на европската полициска синдикална организација. Од својот прв конгрес, одржан на 5-6 октомври 1989 година во Венеција - Италија, до денес, после својот 5. Конгрес одржан во Стразбур - Франција од 14 до 16 ноември 2002 година, Советот на европските полициски синдикати (ЦЕСП) прераснува во организација која обединува над 300.000 полицајци од 18 европски држави. ЦЕСП е невладина организација во рамките на Советот на Европа и има статус на набљудувач при меѓународната организација на трудот (МОТ). Седиштето на ЦЕСП е во Лион - Франција.
МПС од самиот прием развива жива активност во рамките на ЦЕСП. Покрај размената на билатерални искуства, МПС активно учествуваше во креирањето на два значајни документи усвоени од Советот на Европа, Европската социјална карта и Европскиот полициски кодекс. За жал и двата документи до денеска не се ратификувани од Македонскиот парламент.
Во времето од 25-27 март 1998 година во Охрид, МПС беше домаќин на Извршниот комитет на ЦЕСП, при што беше усвоена резолуција под име “Статусот и третманот на полицајците во Европа”.

Од форумите на ЦЕСП


Покрај непосредната размена на документи, кои да признаеме се основа на многу законски и подзаконски акти што се донесени во МВР по иницијатива на МПС, бележиме непосредни интервенции на ЦЕСП во кризни ситуации во МВР на РМ. Така во текот на 2003 година, кога со одлука на Владата на РМ, Министерството имаше намера како технолошки вишок да отпушти повеќе од 800 вработени, од кои 400 полицајци, 70 криминалисти, 60 крим.техничари, 57 пожарникари, 160 хигиеничарки и 100 припадници од останатите служби, МПС интервенираше до телата и органите на ЦЕСП, од каде со посебна резолуција Владата на РМ и министерот за внатрешни работи беа предупредени дека тоа ќе биде прв случај во Европа, полицаец да биде прогласен за технолошки вишок.
Следуваа и директни писма од сите 18 европски полициски синдикати, по што и по притисокот на МПС бројката се сведе само на 160 хигиеничарки како несуштинска функција на МВР и 50 припадници на одделението во УБК, кое во меѓувреме престана да функционира.
Меѓутоа, не смее да се сфати дека ние сме само корисници на услуги и искуства од ЦЕСП. Напротив, веќе една година во рамките на ЦЕСП се проучува моделот на вреднување на трудот за работа подолга од полното работно време, работа ноќе, на смени, во недела и празник, востановен и применет од МПС. Овој основ, во Европа, покрај во Македонија, постои само во Шпанија.
Во ЦЕСП во моментот во тек е проект под име “Платите и кариерата на полицајците во Европа”, кој длабоко кореспондира со реформските процеси, кои се во тек во МВР на РМ.
Поради тоа на 17 септември 2004 година претседателот на ЦЕСП, г-дин Рафаел Гасо, по покана на МПС, пред работната група за реформи во МВР и потесното раководство на МВР, имаше презентација на досегашните достигнувања на спомнатиот проект.

 

Билатерални контакти 


МПС во своето секојдневно работење живо контактира и кореспондира со повеќе полициски асоцијации од регионот и пошироко.
Тука е пред се Националниот полициски синдикат на Бугарија (НПС), со кој имаме континуирана неделна комуникација во сите сфери. Интензивни се контактите и со Грчкиот полициски синдикат (ПОАЏИА), со кој во текот на 2003 година организиравме годишен одмор за 50 деца на загинати колеги .
Со Независниот полициски синдикат на Хрватската полиција, интензивно контактиравме на полето на легислативата, а најнова заедничка идеја е организирање на меѓународни спортски полициски синдикални игри и средби. Особено интензивни контакти последните две години МПС одржува со Полицискиот синдикат на Словенија (ПСС). Ова пред се и поради фактот што Владата на РМ грото од новата законска легислатива ја приготвува по реперот на Словенија.
Најсвеж пример е со работниот текст на Законот за системот на плати во јавниот сектор, кој беше во припрема во текот на 2004 година по модел на словенечкиот закон. Во консултации со ПСС, од нивна страна ни беше сугерирано дека ваков закон ќе ги има ефектите само доколку ги опфаќа сите вработени во јавниот сектор. Во спротивно има лоши последици, особено заради спецификата на полицијата. Со оглед на фактот што во работната верзија на законот беа изземени државните службеници, армијата, дипломатијата, локалната самоуправа и јавните претпријатија, беше повеќе од јасно дека законот нема да ја постигне саканата цел. Поради тоа, МПС во времето од 15 до 16 јуни 2004 година, организираше панел дискусија, на која колегите од Полицискиот синдикат на Словенија пред претставници на министерствата и синдикатите од јавниот сектор ги предупредија на овие недоследности од лично искуство. Таму овој настан беше пресуден МВР да изгради заеднички став со МПС, прашањето за плати да го решава преку своите акти, за што официјално е известена и Владата на РМ. 

 

МПС во Брабденбург


Во текот на 2007 год. МПС со посредство на колегите од Бранденбург-СР Германија кои учествуваа во процесот на реформи на министерството, како и контактите со нордиските полициски асоцијации, воспоставен е контакт и релации со Европската професионална полициска асоцијација  >ЕУРОКОП<. Како резултат на овие контакти  од 05-07 ноември делегација на  МПС беше поканета на 2-от Конгрес на оваа асоцијација во Брисел, каде се здоби со статус на членка -обсервер. При тоа македонската делегација беше примена од Еврокомесарот за внатрешна безбедност г-дин Франко Фратини.

                                                                Тихомир Климоски

Од средбата со Еврокомесарот Фратини

 

Од конгресот на ЕУРОКОП

 

Со претседателот на ЕУРОКОП