Одржана 10 – та редовна седница на Претседателството на Македонскиот полициски синдикат

Одржана 10 – та редовна седница на Претседателството на Македонскиот полициски синдикат

Почитувани членови на Македонскиот полициски синдикат;
Во согласност со Правилникот за начинот на информирање во рамките на МПС и кон јавноста, во продолжение запознајте се со најбитните информации од одржаната 10 – та редовна седница на Претседателството на Македонскиот полициски синдикат, која се одржа на 13.07.2018 година во Скопје со почеток во 09,30 часот:
Претседателството на Македонскиот полициски синдикат на својата седница работеше по следниот дневен ред:

1. Извештај за текот на одржаните спортски разигрувања по региони и останати активности за организацијата на 15 – те Спортски игри и средби на членовите на МПС, како и носење одлуки во врска со нив;
2. Информација по однос на колективното осигурување на членовите на МПС во „Триглав осигурување АД – Скопје“;
3. Одлука за плаќање на членарина во Советот на европските полициски синдикати – ЦЕСП;
4. Верификација на Одлуки на Извршното Биро на Претседателството на МПС, Одлуки од Комисиите за набавки и соработка со коминтенти, како и останати тековни одлуки;
5. Активности помеѓу две седници на Претседателството на МПС и планирање на активностите за наредниот период;
6. Извештај на надзорниот одбор за периодот 01.01.2018 година до 31.04 2018 година;
7. Препораки за подобрување на работата на Надзорниот одбор на МПС;
8. Одлука за отпис на долг на МПС кон „ВИП“ мобилен оператор;
9. Предлог меморандум за соработка со „ИПА Македонија“ и
10. Приговор до Комисијата за Солидарен фонд на МПС од член и барање од член за доделување на помош по основ на тешка болест.

– Во врска со точката 1 од дневниот ред се водеше дискусија по однос на веќе завршените спортски разигрувања во четирите претходно определени региони низ државата, одржани со цел квалификација на учесници на завршницата на овогодинешните 15 – ти Спортски игри и средби на членовите на МПС кои ќе се одржат во Охрид на 14 и 15.09.2018 година. Заклучокот е дека системот по кој оваа година се одржаа спортските разигрувања по региони е генерално добар, но дека треба сеуште да се унапредува, за што секој совет на МПС е задолжен најдоцна до 20.10.2018 година да достави предлози и идеи за подобрување и измени на системот на спортските игри и средби. Напоменуваме дека оваа година, како што новото раководство вети во својата програма; бројот на учесници и гости драстично ќе се зголеми на околу 550 членови на МПС, а се со цел приближување на игрите до членовите на Македонскиот полициски синдикат, присуство на членови кои досега немале можност да присуствуваат и отворање на можност овие игри во иднина да станат голем настан за членовите на МПС каде ќе бидат вклучени по неколку илјади членови. Претседателството на МПС смета дека овој развоен модел на спортските игри и средби треба да ја зголеми транспарентноста, инклузивноста и убавината на идните спортски игри и средби на членовите на Македонскиот полициски синдикат. Во продолжение Претседателството донесе и неколку одлуки кои се потребни за успешна реализација на овогодинешните спортски игри и средби.
– По однос на точката 2 од дневниот ред од страна на Претседателот на МПС беше презентирана анализа за досегашната состојба во врска со осигурувањето на сите членови во „Триглав осигурување АД – Скопје“, кое го финансира Македонскиот полициски синдикат. Веднаш по изнесената анализа се водеше дискусија во која беа изнесени сите искуства низ сите региони во државата поврзани со осигурувањето на членовите, при што на крајот се донесе заклучок да се одржи состанок со претставниците на осигурителната компанија со цел надминување на определени технички недостатоци, а во меѓувреме, Комисијата за набавки на МПС се задолжи да изврши испитување на пазарот и да собере нови понуди за евентуално подобри услови за осигурување на членовите на МПС.
– Точката 3 предвидуваше донесување на одлука со цел плаќање на членарина во Советот на европските полициски синдикати – ЦЕСП, каде МПС веќе долги години е полноправен член, при што таквата одлука беше донесена.
– Предмет на точката 4 беа верификација на одлуките донесени од страна на Извршното биро на Претседателството на МПС, како и носење на одлуки поврзани со работата на Комисијата за набавки на МПС и Комисијата за соработка со коминтенти на МПС. Од страна на Претседателот на МПС и Претседателот на наведените комисии беа дадени објаснувања за работата на Извршното биро и комисиите, по што одлуките на Извршното биро беа верификувани, како и беа донесени одлуки поврзани со работата на наведените комисии.
– Во следната точка број 5 беше предвидена расправа по однос на активностите на МПС помеѓу две седници на Претседателството и идните активности. Во расправата по оваа точка беше изнесено дека поради определени веќе извршени измени во законските и подзаконските акти поврзани со работата на членовите на МПС и воопшто вработените во МВР на РМ, неопходно потребно е брзо отворање на прашањето со Колективниот договор на МВР на РМ, при што се предложи Нормативната комисија на МПС најдоцна до 15.10.2018 година да побара предлози и идеи од советите на МПС кои би можеле да се вградат во новиот Колективен договор, истите да ги обработи и до крајот на октомври 2018 година да ги достави до Претседателството на МПС. По оваа точка се расправаше и по однос на зголемените побарувања на средства од Солидарниот фонд на МПС од страна на членовите, при што се донесе заклучок Комисијата за Солидарен фонд да предложи идеи за надминување на состојбите и подобро функционирање на фондот. Се утврди и потребата од актуелизирање на прашањето за усогласување на платите на вработените во МВР на РМ и Агенцијата за разузнавање со платите на вработените во сродните служби во државата и опкружувањето, при што се заклучи дека е потребно МПС да се обрати до сите институции во државата поврзани со овој процес. Исто така донесена е и одлука за подобрување на соработката со нашиот деловен соработник Lyoness – Cash Back World.
– Шестата точка предвидуваше расправа по претходно презентираниот Извештај на Надзорниот одбор на МПС за периодот од 01.01.2018 година до 31.04.2018 година. По завршувањето на расправата, од страна на Претседателството сите препораки на Надзорниот беа прифатени, како и беа дадени насоки за подобрување на финансиското работење на советите и основните организации на МПС.
– Следната 7 – ма точка беше повторно поврзана со работа на Надзорниот одбор на МПС, односно со усвојување на препораки за подобрување на нивната работа, со цел зголемување на контролата на финансиското работење на МПС и давање на квалитетни извештаи кои ќе придонесат за подобри финансиски политики при креирањето на Буџетот на МПС. По плодната дискусија беа усвоени низа препораки кои ќе бидат доставени до Надзорниот одбор на МПС.
– Во продолжение по однос на 8 – та точка од страна на Претседателството беше донесена одлука за отпис на застарен долг кон мобилниот оператор „ВИП“.
– Претпоследна, односно 9 – та точка беше точката на која се усвои текстот на Предлог – Меморандумот за соработка со асоцијацијата „ИПА Македонија“ со која МПС сака да изгради партнерски односи во областите кои ги поврзуваат, а тоа се: едукација, размена на искуства итн.
– 10 – та и последна точка беше донесување на одлуки поврзани со приговор на член на МПС до Солидарниот фонд и барање на член на МПС за доделување на помош по основ на тешка болест, за што беа донесени соодветни заклучоци и одлуки.

Со завршување на оваа точка дневниот ред беше исцрпен по што седницата заври.

Почитувани членови се надеваме дека овој транспарентен начин на работа придонесува за зголемување на довербата кон МПС, при што Ве известуваме дека и во иднина секогаш навремено ќе бидете известени за целокупната работа на Вашиот Македонски полициски синдикат.
Со почит;

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *