СООПШТЕНИЕ ДО ЧЛЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ

СООПШТЕНИЕ ДО ЧЛЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ

Почитувани членови на Македонскиот полициски синдикат,
Како синдикат кој е транспарентен во својата работа, а во согласност со Правилникот за информирање во рамките на МПС и кон јавноста, сакаме да Ве информираме дека на 20.12.2017 година Претседателството на МПС ја одржа својата 7 – ма редовна седница, а веднаш потоа на 26.12.2017 година Централниот совет на МПС ја одржа и својата 3 – редовна седница.
На својата седница Претседателството на МПС најпрво ги усвои предлог – актите кои согласно Статутот на МПС е потребно Централниот совет на МПС да ги усвои, а потоа исто така на Централниот совет како највисок орган му предложи и насоки за понатамошната работа на Македонскиот полициски синдикат во текот на следната година. Врз основа на овие предлози Централниот совет на МПС на својата седница ги усвои предложените акти и насоки за работа за следната година на Македонскиот полициски синдикат.


Значајно е да се нагласи дека на дел од седницата на Централниот совет на МПС присуствуваше и Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, придружуван од Директорот на Бирото за јавна безбедност, Помошникот министер за финансии во МВР на РМ, како и неколку други претставници од највисокото раководство на МВР на РМ.
Во овој дел информираме дека Министерот за внатрешни работи се обрати кон присутните и напомена дека Министерството во наредната година како главни определби во својата работа ќе ги има: реновирање и подобрување на состојбата во објектите за работа на Министерството за што има одвоено значајна сума на средства, набавка и дистрибуција на униформи, обувки, опрема, возила и други технички помагала, при што напомена дека првиот дел од униформите ќе бидат набавени и дистрибуирани во месец февруари 2018 година, изработка на нова систематизација на работните места, економично и правилно работење, обезбедување на донации од пријателски служби и земји, како и воопшто унапредување на квалитетот и нивото на работата на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Во делот на продолжување на процесот на усогласување на платите на вработените во Министерството и другите сродни институции во државата и полициите во соседството информираше дека процесот на усогласување ЌЕ ПРОДОЛЖИ и ќе треба да се почека за да се види колку средства ќе се обезбедат од ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, како и колку средства ќе бидат заштедени од внатрешните мерки во рамките на Министерството. Исто така истиот напомена дека е спремен доколку синдикалниот притисок е преголем, да ги прекине сите процеси за набавки на униформа, опрема итн., како и реновирање на објектите на МВР на РМ и со тие средства на сите вработени да им се покачи платата за 5% и заедно со синдикатот таквата одлука јавно да ја соопштат.
Од страна на присутните членови на Централниот совет на МПС, на Министерот му беа поставени бројни прашања кои ги засегаат вработените во МВР на РМ во нивната секојдневна работа, при што Министерот одговори на поголем дел од истите.
По заминувањето на делегацијата на МВР на РМ, седницата на Централниот совет продолжи, при што се разви широка дискусија по однос на обраќањето на Министерот за внатрешни работи и по предложените заклучоци до МПС од страна на Комисијата на МВР на РМ за изработка на Листата на плати, а во врска со процесот за усогласувањето на платите, при што на предлог на Претседателството на МПС, Централниот совет како идни насоки за работата на Македонскиот полициски синдикат за 2018 година ги усвои следните заклучоци:
– Процесот на усогласувањето на платите на вработените во МВР на РМ и Агенцијата за разузнавање со платите на вработените во сродните институции во државата и полициите во соседството МОРА да продолжи;
– Со цел неблокирање на работата на МВР на РМ и демонстрација на конструктивност да се потпише продолжување на важноста на постоечката Листа на плати и
– Важењето на постоечката Листа на плати да се продолжи до 30.04.2018 година, а не како што предложи Комисијата за изработка на Листата на плати до 30.06.2018 година.

Иако можеби во моментот не толку интересни, Македонскиот полициски синдикат Ве информира и за другите активности на органите и телата, кои сигурно ќе придонесат кон напредување на работата и положбата на Македонскиот полициски синдикат.
Имено, од страна на Претседателството на МПС беа предложени, а од страна на Централниот совет на МПС беа донесени:
– Извештајот за работа на Македонскиот полициски синдикат за 2017 година;
– Програмата за работата на Македонскиот полициски синдикат за 2018 година;
– Планот за набавки на Македонскиот полициски синдикат за 2018 година;
– Буџетот за работа на Македонскиот полициски синдикат за 2018 година;
– Измената и дополнувањето на Одлуката за внатрешната организациона поставеност на Македонскиот полициски синдикат по основни организации и нивно поврзување по совети со која досегашната Основна организација на МПС „Гостивар“ се подели на две основни организации и тоа: Основна организација „Гостивар – УПС“ и Основна организација „Гостивар“;
– Измените и дополнувањата на Правилникот за исплата на трошоци за дневници, превоз, други видови трошоци и надоместоци, кои за кратко време ќе можете да ги видите на нашата интернет страна во делот „Норматива“ и
– Одлуките за награда на претставници од органите и телата на Македонскиот полициски синдикат и тоа од: основните организации, советите, секциите и Комисијата за набавки на МПС.
Битно е да се напомене дека од страна на Претседателството на МПС беа усвоени и:
– Концептот за одржување на следните 16 – ти Синдикални игри и средби на членовите на Македонскиот полициски синдикат, кој концепт предвидува наредната година покрај натпреварувачите да бидат вклучени и уште најмалку 400 други членови на МПС, како и да биде организиран синдикален хепенинг и дружба кои ќе ги доближат близу вкупно 700 члена на МПС и ќе ја унапредат синдикалната работа;
– Извештаите за годинешните реализирани избори по основни организации на МПС;
– Договорот за соработка со Осигурителната компанија „Триглав АД“ – Скопје;
– Меморандумот за соработка со адвокатите, преку кој се унапредува правната заштита на членството на МПС во повеќе градови низ државата;
– Одлуката за основање на Фонд за просторно осигурување на МПС, со која се зацврстува силата на нашиот синдикат;
– Одлуката за прифаќање на донацијата кон МПС од страна на пријателскиот синдикат од Холандија „АНПВ“, преку која донација се засилуваат техничките капацитети за работа на Претседателството на МПС;
– Одлуките за формирање на Пописна комисија, Комисија за ништење архивски материјал и постапување со расходуван основен инвентар, ситен инвентар и други материјални средства и
– Одлуката за верификација на претходно донесените одлуки од страна на Извршното биро на Претседателството на МПС.
Додаваме дека заради нивно подобрување, Претседателството на МПС на доработка до Нормативната комисија ги врати предложените Правилници за соработка со коминтенти и за награди и признанија.
Што се однесува до работа на Централниот совет на МПС би соопштиле дека истиот ги верифицираше мандатите на новоизбраните претседатели на основни организации на МПС: „Агенција за разузнавање 1“, „Агенција за разузнавање 2“, „УБК 2“, „УБК 3“, „Чаир“, „ЕКР“, „СВР Скопје – седиште“, „Гази Баба“, „Драчево“, „Ѓорче Петров“, „РЦ за ГР Југ 1“; „Штип“, „Кочани“, „ЕБР“ и „НФОО и ДКП“, а донесе одлука за распишување на избори од 22.01.2018 година за: претседатели на советите на МПС „РЦ за ГР Југ“ и „РЦ за ГР Исток“, заменик претседател на Советот на МПС „Тетово“, претседатели на основните организации на МПС „ЕПОИ – АЛФА“, „ОБПС“, „ЕСЗ“, „Гостивар“, како и за секциите и синдикалните подружници на МПС каде има потреба за тоа.
Би напоменале дека на 26.12.2017 година свои седници одржаа и Секциите за жени и млади при МПС, како и Статутарната комисија, сите во делот на нивните статутарни надлежности.
Македонскиот полициски синдикат останува на линијата на транспарентноста и во секоја прилика ќе го информира своето членство за својата работа.

2 thoughts on “СООПШТЕНИЕ ДО ЧЛЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ

  1. Go procitav soopstenieto od sednicata na Centralniot sovet na MPS, I seto toa sto go iskazal Ministerot za celite na Ministerstvoto za narednata godina e vo red,i mozebi e podobro da se raboti vo prv plan na nabavka I distribucija na uniformi,oprema I vozila koi stvarno ni se neophodni za sekojdnevno izvrsuvanje na rabotnite obvrski I zadaci bidejki za celiot ovoj period nanazad stvarno dojdovme od samoto dno, a postepeno vo tekot na narednata godina da se iznajde modus za zgolemuvanje na platata dali preku zgolemuvanje na bodot ili pak zgolemuvanje na bodovite preku resenijata za rabotni mesta,ili pak po nekoj drug osnov.Inaku me interesira dali novata uniforma koja nie uniformiranite policiski sluzbenici treba da ja dobieme I taka silno ja ocekuvame, e sosema nova(vo odnos na kroj,izgled I se razbira mnogu podobar kvalitet)ili pak ke ni ja dadat prethodnata koja raka na srce ne zadovoluva nikakov standard vo pogled na kvalitet nitu pak e prakticna za rabota.Odnapred vi blagodaram za odgovor vo odnos na uniformata I vi posakuvam srekni Novogodisni I Bozikni praznici so mnogu sreka,zdravje I se nadevam pogolem uspeh pri zastapuvanjeto na pravata na pripadnicite na MVR

    1. Конечно видов коректен однос Министер – Синдикат, одосно транспарентност во кажаното. Искрено се надевам дека министерот ќе си стои на зборот и ќе го исполни ветеното. Точно приоритет е опремата бидејќи има значење и влијание во секој сегмент на нашето работење како припадници на МВР, а после толку години непроменета основна плата на полициските служебеници. ќе причекаме упте неколку месеци и ќе видиме. Се надевем дека како сега што се „единствени“ определени колеги во кулоарите и ходниците, така ќе бидат и кога ќе треба да славиме или да „притискаме“ со закноски дозволените средства.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *